ПМГ Колектив / Да4 LP / PMG#42

27.02.2010

Грозничавиот микс на креативна инспирација, притисокот од полумрачното секојдневие и манијачката ефикасност, релативно брзо доведоа до уште еден албум на СКОПСКИОТ бенд ПМГ Колектив. Со оглед на фактот што минатиот албум ("Пријателски Оган", ПМГ Рекордингс, јануари 2009) беше објавен пред една година, произлегува дека бендот воопшто и не застанал со работа ни за момент. Оваа, можеби налудничава активност-така нормална за сериозните бендови, е директно предизвикана од гладта за музичко изразување, но и болната интеракција со актуелниот општествен, но и приватен духовен миг во кој бендот живее. Албумот го носи насловот "ДА4" и носи забележително потемен лирски тон од претходниците, притоа задржувајќи ја цврстата и сериозна танцова определба во ритамот и презентирањето на емоциите и ставовите. Нешто како музика за играње која третира сериозни проблеми. Албумот е очигледно инспириран од духовниот моментум на 4AD (дискографската куќа) од 80тите, брилијантната денс еклектичност на LCD Soundsystem и актуелната њујоршка сцена и од волшебните резултати од талентот и работната етика на локалните херои и драги пријатели/соработници Bernays Propaganda.

Карактерот на звукот на бендот е променет со употребата на "живи" тапани-резултат на вклучувањето на Здравко Кеврешан (тапанар на битиолските 3 Minutes In The Rain), па сето тоа резултира со поширока, вибрантна продукција, дело на Љупа Ангелов (кој е повторно во бендот), во соработка со мајсторските раце на Роботек и секако присутниот Мирко Попов. Во процесот на работа логично учевствуваа и редовните членови на бендот Синиша Евтимов и Александра Гавровски.

"ДА4" е 42ро по ред издание на ПМГ Рекордингс и ќе излезе на 2ри април 2010 година истовремено во сите македонски градови. Скопскиот промотивен концерт е предвиден за 24 април (сабота) во Хавана, а на тоа ќе му претходи европска турнеја на бендот (Босна, Хрватска, Словенија, Италија, Франција, Холандија, Германија, Австрија, Србија). Во меѓувреме ќе се реализира и македонска турнеја.

Пилот синглот од овој албум "Kontrol" е прогласен за сингл на годината 2009 според култното радио Канал 103.